Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски кој доаѓа од Социјалистичката партија преку социјалните мрежи објави дека поднел оставка од функцијата.
Сотировски посочува дека имал чест повече од 9 месеци да биде на чело на претпријатието кое го затекнал со големи обврски спрема добавувачите.
– Ваквите обврски претставуваа сериозен терет за тековното работење на претпријатието. На мене како В.Д.Директор, но и на мојот тим, во изминатиот период предизвик ни претставуваа две работи:
– Надминување на тешката финансиска состојба во која го затекнавме претпријатието и
– Подигнување на нови зелени површини
Борбата со тешката финансиска состојба не беше нималку лесна, но како тим забележавме одредени резултати за кои граѓаните имаат право да бидат информирани.
Во услови на зголемени побарувања кон Водовод и канализација ( признаени обврски од страна на Водовод и канализација ), намалени приходи по основ на субвенции ( добиени помалку субвенции за 28 % заклучно со 30.06.2022 споредени со истиот период лани ), во услови на бран на зголемување на цените на сите производи, за целиот период јас и мојот тим успеавме да го намалиме долгот на претпријатието за 15,59 %
Посебно сум горд на фактот што за овие 9 месеци, покрај зголемениот обем на работа со добро менаџирање успеавме да направиме сериозна заштеда на гориво.
Имено, заклучно со август оваа година, вкупната потрошувачка на гориво беше намалена за 11,33% во споредба со истиот период лани. Со добро менаџирање успеавме да ги намалиме трошоците на претпријатието.
Особено сум горд на фактот што во изминатите месеци интензивно работевме на подигнување на нови зелени површини на повеќе места низ Градот. Во изминатиот период успеавме да подигнеме неверојатни 61491 м2 зелена површина низ Град Скопје. За споредба, минатата година во Град Скопје беа подигнати 48537м2 зелена површина -што би значело дека во овој период успеавме да подигнеме повеќе зелени површини од дури 12954 м2.
Морам да истакнам дека овие резултати се постигнаа со помал број на времено вработени споредено со истиот период од минатата година.
Во моментов, екипите на Ј.П.Паркови и зеленило освен на кејот на Вардар и на мега паркот во Ѓорче Петров кај р.Лепенец, започнаа да работат и на ул. Индира Ганди во општина Шуто Оризари.
Направивме многу обиди Претпријатието да добие механизација преку разни донации.
Во соработка со г.Тибериу Андриоаиеи – потпретседател на Унија на индустријалци од Романија, во завршна фаза се активностите за добивање на донација во вид на механизација од градот Јаши од Република Романија.
Ценам дека новиот политички амбиент во Град Скопје нема да ми дозволи максимално да се фокусирам на најважното а тоа е успешно менаџирање на претпријатието. Токму поради тоа, се повлекувам од должноста В.Д.Директор.
Зад себе оставам и добиени налози за работа од кои очекувам дека на Претпријатието ќе му гарантираат сигурни приливи на средства, вели Сотировски.