Директорот на Комунална хигиена Сабахудин Рустеми дал неотповиклива оставка од својата функција, вчера за време на распитот во Кривичниот суд, соопшти неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
– Она што сакам да го изнесам јавно на барање на директорот е дека тој на записник пред судијата на претходна постапка ја депонира својата оставка. Станува збор за неотповиклива оставка од в.д. директор на јавното претпријатие Комунална хигиена. Тоа е еден морален чин од страна на сега веќе осомничениот, веќе поранешен директор Рустеми кој што не сака јавноста да мисли дека ќе ја попречува истрагата на кој било начин – изјави синоќа адвокатот Алиспахиќ.
Тој појасни дека оставката на Рустеми е дадена по советување со бранителите.
– Тоа е чин кој што ќе овозможи непречено водење на истрагата со цел да докажеме дека директорот нема никаква поврзаност со делото, а во насока дека ниту може да влијае, ниту влијаел, ниту ќе попречи какво било водење на истрагата – појасни адвокатот.
Тој е длабоко убеден дека ќе докажат дека тоа што им се става на товар на двајцата обвинети нема никаква поврзаност.
– Станува збор за едно ретко кривично дело, кое не толку често се појавува во нашиот кривично-правен систем. Станува збор за членот 230 од Кривичниот законик кој со измените од 2023 година добива еден поголем опсег – додава Алиспахиќ.
Тој вели дека обвинетиот директор барал од Управниот и од Надзорниот одбор да се обезбедат повеќе ресурси и механизација, како и вработувања, но дека не му било одобрувано. Рустеми, додаде адвокатот, бил именуван на функцијата во февруари 2025 година, а годишните програми и правилниците за работа биле донесени пред крајот на 2024 година.
Алиспахиќ е бранител и на управителот за отпад во претпријатието, Аки Саити.
Судот вчера на двајцата им одреди 30-дневен притвор. Рустеми и Саити се гонат за загрозување на животната средина и природата со отпад, дело опфатено во член 230 став 1 од Кривичниот законик.
