Владата ја продолжи мерката за намалени акцизи до средината на јуни
Владата на денешната седница одлучи да ја продолжи мерката за намалување на акцизите на нафтените деривати до 15 јуни. Дополнително, по разговорите со компанијата „ОКТА“, обезбеден е попуст од два денари по литар кој ќе почне да важи од утре, 1 јуни.
Според владините пресметки, со комбинација на двете мерки цената на дизел горивото се очекува да се намали за 6,5 денари по литар, додека бензините би поевтиниле за 1,5 денар по литар.
Од Владата оценуваат дека мерките ќе донесат директна корист за граѓаните, транспортните компании, земјоделците и стопанството, преку намалување на трошоците за превоз и работа.
Посочуваат дека пониските цени на горивата ќе помогнат и во одржување на ценовната стабилност во услови на глобални економски предизвици.
Владата најавува дека и во иднина ќе продолжи со мерки насочени кон заштита на животниот стандард и подобрување на економската сигурност на граѓаните.
