На 17 август државите Македонија и Бугарија на своите интеренет страници треба да ги објават веќе договорените препораки од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовани прашања. Ова го пишува во билатералниот Протокол, кој министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа на 17 јули во Софија.
Во Протоколот, во делот „Темата за историјата“ пишува дека „двете влади сите веќе усвоени препораки од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања треба да ги објават во рок од еден месец“.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека „со потпишувањето на Протоколот врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка Република Македонија презема пред Бугарија (а за жал и пред Европската Унија) низа од обврски кои се неразумни и се надвор од досегашната пракса на зачленување на членки во ЕУ, но и излегуваат надвор од договорот во поглед на содржина, цели, рокови и материја.
Живо сум заинтересиран како со политички назначена комисија ќе ни се адаптира, подесува и менува историската вистина која сме ја учеле со генерации наназад. Но и, како ставот на политички назначената комисија ќе биде обид за рушење на илјадниците томови стручни изданија, симпозиуми и книги кои нашата и светската наука ги твореше во минатите повеќе од 7 декади, напиша на својот фејсбук-профил поранешниот пратеник Димовски.
Објавувањето ан Протоколот предизвика бурни реакции во македонската јавност. Историчари, политичари, професори, лингвисти, сметаат дека потпишувањето на овој документ од македонска страна значи пораз за македонската дипломатија и сериозна навреда за македонските интереси и идентитет.
Eве уште дел од задачите за Македонија во поглавјето „Темата за историјата“:
Согласно чл. 8 ал. 3 од Договорот, двете држави прифаќаат во 2022 и 2023 да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.
Доколку има политичка волја од двете држави, ќе се прославуваат и други заеднички историски настани и личности.
Владата на Република Македонија ќе подготви и достави прелиминарен урнек од лекција за 7 одделение од образовната програма на Република Македонија на тема Самоилова држава, во согласност со препораката на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ќе разработи и реализира план за работа, кој предвидува одржување на 8 до 10 состаноци на годишно ниво.