До 12.00 часот, денеска, има за 39 проценти вкупно намалување на бројот на настани во споредба со изборите во јули 2020 година.

Покрај настаните за кои претходно информираше МВР, регистрирано е дека во 13.15 часот во СВР Тетово било пријавено оти бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу две лица во дворот на основното училиште „Лирија“ во гостиварското село Рачане, а во кој објект било сместено избирачкото место број 528. Од МВР информриаа дека двете лица се идентификувани и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

– По добиена пријава дека непознати лица со две патнички возила вршат изборен поткуп во Топанско Поле и Шуто Оризари, полициски службеници од Полициското одделение Шуто Оризари на ул.„Х.Ј.Шишков“ извршиле преглед на патничко возило „форд“, управувано од И.Х.(45). Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во 11.55 часот во СВР Скопје, Д.З. пријавил дека во основно училиште во Добри Дол, општина Сопиште, О.Ц. и С.Н. позади училиштето агитирале и вршеле притисок врз гласачите. Според пријавеното, претходно О.Ц. била отстранета од местото од полицискиот службеник кој го обезбедува гласачкото место. Се работи на расчистување на случајот, стои во соопштението од МВР.

Во СВР Скопје, Љ.Ј. пријавила дека на избирачко место основното училиште „Гоце Делчев“, Љ.А. стои на гласачкото место и врши притисок врз гласачите. Полициски службеници, се наведува во соопштението, излегле на местото и Љ.А. е повикан во полициска станица за расчистување на случајот.

Во ОВР Кочани, член на избирачкиот одбор од гласачко место бр.0883 во село Теранци, општина Чешиново-Облешево, пријавил дека на гласачко место дошол Г.К. и со лажни документи се претставувал дека е претставник од Државната изборна комисија. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

– Во 12.05 часот во ОВР Кавадарци, претседател на избирачки одбор на избирачко место 0661 во основното училиште „Киро Спанџов“ во Кавадарци пријавил дека едно лице со телефон ја снимало просторијата каде се врши гласање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. Околу 11 часот во СВР Куманово, М.П. пријавил дека во близина на избирачки места на ул.„Панче Пешев“, на градскиот плоштад во Куманово и на ул.„Тоде Мендол“ имало отворен штаб на политичка партија со залепени плакати на кандидат за градоначалник, поставен билборд и залепени плакати од политички партии. Се работи на расчистување на случајот, наведуваат од МВР.

Во СВР Скопје, претседател на избирачкиот одбор на гласачкото место 2801 пријавил дека на гласачкото место Д.С. кај себе имал повеќе летоци од различни политички партии. Д.С. е приведен и против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

– Во 10.50 часот во Полициското одделение Зајас – СВР Охрид, претседател на избирачки одбор на избирачко место бр.0823 во с.Букојчани пријавил дека лице што гласало го фотографирало гласачкото ливче. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.