Најбогатите руски државјани финансирале повеќе од еден процент од вкупните државни расходи во текот на оваа година преку доброволни воени донации. Ова го покажуваат официјалните податоци за реализацијата на рускиот државен буџет.

Ваквите финансиски донации беа договорени на работната средба помеѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и водечките домашни претприемачи, од кои поголемиот дел се под директни западни санкции, одржана во март годинава. Самиот Путин во септември потврди дека стотици милијарди рубли веќе се уплатени во државната каса по состанокот.

Буџетскиот дефицит на Руската Федерација годинава ќе достигне 3,2 проценти од бруто домашниот производ, односно 77,5 милијарди евра, што претставува двојно повеќе од првично планираното. Доколку ги немаше овие донации со кои досега се собраа 5,02 милијарди евра, дефицитот ќе се продлабочеше на 3,4 проценти од БДП.

Од Кремљ објаснија дека целата иницијатива потекнала од неименуван домашен бизнисмен, кој посочил дека многу богати луѓе стекнале значаен капитал во 1990-тите благодарение на блиските врски со државата, поради што сега нивна должност е директно да придонесат во државната каса. По состанокот беше објавено дека еден од учесниците понудил исплата на исклучително висока сума, предлог што беше поздравен од претседателот.

Паралелно со ова, руската влада планира да инкасира 4,1 милијарда евра преку продажба на имот што во изминатите години го конфискуваше од приватни компании. Ова се смета за најголема прераспределба на сопственоста од приватизацијата во деведесеттите, при што властите како причини ги посочуваат незаконитоста, корупцијата и странското сопствеништво врз стратешките ресурси.

Официјално евидентираните „доброволни приходи“ во буџетот веќе го надминаа приливот од вонредниот данок на дополнителна добивка, кој главно го платија металуршките гиганти и производителите на ѓубрива. Со оглед на тоа што безбедносните трошоци зафаќаат 38 отсто од буџетот, властите подготвуваат нов данок на каматите од банкарските депозити од кој во 2027 година очекуваат приход од еден трилион рубљи.