Додека во земјава вакцинацијата е ставена на пауза и затворени се сите пунктови, а здравствените власти најавуваат дека процесот ќе продолжи во понеделник, на Белградскиот саем, во салите 3 и 11 од 8 часот наутро почна ревакцинацијата за македонските државјани и останатите странски граѓани, најмногу од БИХ.
Медиумите од соседството известуваат дека се создадени долги редови, и утринава на саемот веќе се вакцинирале 2.500 лица од регионот. Процесот на ревакцинација ќе се одвива со продолжено работно време, како и во недела до 17 часот.
Како што најавија од вакциналниот пункт на Белградски саем, денеска треба да се ревакцинираат 8.000 странски државјани, а во недела 5.000.
-Водечките луѓе во земјата направија извонреден дипломатски потег. Србија подаде рака на пријателство кон регионот, ги избриша границите и покажа дека сите се бориме против заедничкиот непријател. На крајот на март, повеќе од 22.000 странски државјани беа вакцинирани во Србија, а на Белградски саем над 12.000. Од тогаш поминаа 12 недели и дојде време за повторна вакцинација, изјави Д-р Зоран Бекиќ, дитектор на вакциналниот пункт на саемот.
Паралелно на Саемот, како што соопшти Бекиќ, се одвива и вакцинацијата со првите дози, исклучиво за граѓаните на Србија, Македонија и БиХ.
Македонските државјани кои можат да се ревакцинраат викендов во Србија само во градот каде ја примиле првата доза, денеска и утре се ревакцинираат и во Ниш, во салата Чаир, а термин за повторна вакцинација имаат 5.700 македонски граѓани кои во март во Ниш ја примија „Астра Зенека“, кога вакцинирањето беше организирано преку Регионалната стопанска комора.
-Ние сме посветени на еден регион – една економија. Бидејќи нашата економија во голема мера зависи од компаниите со кои соработуваат во регионот. Извезуваме заедно во ЕУ, која е наш најголем партнер. Ако сите не се добро, заздравувањето ниту за нас нема да биде лесно, изјави координатор на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан во Српската стопанска комора, Марко Мандиќ.
Исто така, ги повикувам граѓаните на Босна и Херцеговина и Македонија да дојдат во Србија за да се вакцинираат. Владата на Србија им овозможи на граѓаните на тие земји да се вакцинираат насекаде, во кое било време и со каква било вакцина во Србија, кажа тој.
Според директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан, сите кои во Ниш ја примиле првата доза ќе моажат да ја примат и втората доза.
-Нека не се грижат, во Ниш веќе се набавени и има вкупно 6.500 дози на Астра Зенека за македонските граѓани, кажа Јеркан, кој додаде дека луѓето не треба да брзаат и дека до вторник можат да дојдат во Ниш да ја примат вакцината.
Според статистиката на Здравствениот дом во Врање, во петокот на македонските граѓани им биле дадени 422 дози вакцини против коронавирус. Во овој град до четврток, 17 јуни вкупно се вакцинирани 7.088 граѓани на Северна Македонија.
Во Србија денеска пристигнаа 50.400 дози вакцини на „Астра Зенека“ донација од Романија.