Гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, излезе со оптимистички најави на денешната прес конференција. Од партиската говорница, тој ги информираше претставниците на медиумите дека „Засега она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор и сѐ до моментот кога ќе може да се соопшти, нема да соопштуваме никакви детали.“.

Стоилковски додаде дека за партијата која тој ја претставува повеќе е заинтересирана за договор околу принципите за тоа како ќе изгледа новата влада, одошто питата на министерства која што ќе се дели.

Принципи пред поделба на функции

Според изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, идната коалиција ќе се заснова на 3 столба.

-Она што можам засега да го кажам е дека преговарачкиот процес се базира на принципи, пред сѐ нели на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и од потребата од одредени реформи за забрзан економски развој. – рече Стоилковски.

Бројката на ВМРО-ДПМНЕ е висока!

Сепак, на крајот од своето излагање, Стоилковски истакна дека високата бројка на освоени пратеници од изборите на 8-ми мај, мора да се рефлектира на поделбата во владата преку бројот на министри и луѓе на раководни функции.