Не стивнуваат реакциите по инцидентот со изоставено македонското знаме на средбата меѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев. Првиот човек на министерството за транспорт и врски и заменик претседател на Владата, Александар Николоски Бугарија ја окарактеризира како „нецивилизиран домаќин“.
Николоски: Домаќинот очигледно е нецивилизиран
Војни водат држави, па седнуваат на преговори, па знамиња има од двете држави од каде доаѓаат. Минимум пристојност е да го ставите знамето на државата од каде доаѓа претседателот. Минимум човек треба да е нормален за тоа да го сработи. Најмалку треба да се очекува од претседател на држава да оди таму и да гледа каде има, а каде нема знамиња. Тоа не е работа на претседателката Силјановска Давкова, туку на домаќинот Радев да покаже минимум пристојност, вели заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
Според Николоски бугарскиот претседател не покажал никаква почит кон македонската делегација во Софија.
Домаќинот веројатно ниту е цивилизиран, ниту е пристоен, ниту има каква било почит. Помизерни од нив, се само нашите домашните слуги. Тоа се истите кои потпишаа дека имаме заедничка историја, дека нашиот јазик е дијалект, дека нема да влеземе во ЕУ, ако не прифатиме дека сме Бугари… Е истите тие сега зборуваат за патриотизам, потенцира министерот Николоски во гостување на „За или против“ на Алфа ТВ.
Протестна нота за бугарскиот амбасадор
Веќе петти ден се зборува за посетата на Силјановска Давкова во Софија. Заради неистакнатото знаме и прекршениот протокол МНР го повика на разговор новиот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков за да му биде врачена протестна нота за скандалот при фотографирањето со бугарскиот претседател Румен Радев. Сепак, бугарскиот дипломат одби да ја прифати протестната нота од МНР. Според експертите одбивањето да се прими протестната нота е нов обид за демонстрација на моќ и обид да се понижи Македонија.
Мицкоски со осуда до Бугарија
За премиерот Мицкоски, потегот на Бугарија е покажување на мускули, а светот и Европа ги видоа вистинските намери на источниот сосед. „Нема повеќе да имаме меѓународна политика, ниту дипломатска со свиткана кичма“, потенцираше тој.
Историска комисија
Премиерот Мицкоски сите брзи одлуки ги оценува како погрешни, па очекува во рамки на добрососедството, членовите на комисијата да разговараат.