Поднесени измени во Законот за енергетика
Домаќинствата кои се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за струја, а за потрошувачите во третата и четвртата група, зголемувањето би се движело од еден до два проценти. Ова е предвидено со измените во Предлог-законот за дополнување на Законот за енергетика поднесен од пратениците од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Ќе се спречи зголемување на цената на струјата
Со предложените измени ќе се спречи зголемување на цената на струјата од пет проценти почнувајќи од 1-ви јули, согласно со одлуката донесена деновиве од техничката влада.
Мицкоски упати порака до универзалниот снабдувач да врши, како што вели, внимателно оптимизација на своите потреби, односно при набавката на електричната енергија да се води најпрво од интересите на граѓаните.
„Доколку овие две работи се случат, односно овој закон за дополнување на Законот за енергетика се донесе, ќе биде намалена маржата од 11,5 проценти на 9,9 проценти и доколку универзалниот снабдувач направи оптимизација на своето портфолио, односно оптимизација на количините на електрична енергија, тогаш јас ве уверувам дека граѓаните нема да добијат повисоки сметки за електрична енергија“, изјави Мицкоски.
Законот треба да се најде пред пратениците, во почетокот на следната работна недела по изборот на новата влада.