Клус изјави дека Македонија е меѓу најпријателските земји на неговата, искажа поддршка за нашата европска перспектива и рече дека му е задоволство што денеска присуствува по повод медицинската донација.
– Затоа што за нас е многу важно спасувањето на секој еден живот со овие првокласни респиратори произведени во Словачка. Тоа се фантастични вести, не само за Македонија, туку и за Словачка и нашите граѓани, и јас сум горд поради тоа. Верувам дека ваквата солидарност покажува колку се блиски нашите народи, истакна Клус, додавајќи дека се подготвени и во блиска иднина за каква било солидарност и помош кои се потребни за надминување на КОВИД-пандемијата.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров се заблагодари до, како што рече, партнерска, пријателска и сојузничка Словачка, во неколку наврати покажала голема солидарност и во периоди кога и на словачкиот народ му треба помош и поддршка.
-Ова се четири исклучително модерни и барани респиратори, бидејќи се адаптираат на потребите на организамот. Словачка е, исто така, и меѓу најактивните поддржувачи на нашата европска иднина и затоа сум тука денеска, за да ја потенцирам благодарноста на нашата Македонија, на македонските граѓани до словачката Влада и словачкиот народ, бидејќи застанаа цврсто и јасно на европските принципи, а без тоа ЕУ не може да биде заедница на вредности, истакна Димитров
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека донацијата е во рамки на системот на солидарност на земји од ЕУ, кој функционира од почетокот на пандемијата и со чија помош пристигнаа голем број донации во медицинска опрема, лична заштита, генератори и придружна техника и без кои, како што рече, кризата тешко ќе се менаџираше.
-Сакам да изразам благодарност до заменик-министрот за надворешни работи на Словачка, посебно до многу активниот амбасадор на Словачка во нашата земја, со кој интензивно разговаравме цела оваа измината година и кој се вложи и со лични контакти за оваа донација од четири респиратори, кои се веќе ставена во употреба, да стигне во нашата земја, затоа што имаше интерес и од многу други земји да ја добијат. Респираторите имаат карактеристики да се употребуваат за пациенти кои се заболени од КОВИД. Пациенти веќе беа поставени и навистина дадоа одлични резултати, истакна Филипче, очекувајќи да продолжи солидарноста од земјите на ЕУ, а тоа се и вакцините кои треба да стигнат идната недела.