– Не сум само јас најдобар, најдобри сме сите заедно. Дојдовме со голема иницијатива овде 55 од нас и си ветивме дека братски рамо до рамо ќе станеме верни меѓу себе и ќе завршиме сите 55. Токму тоа и го остваривме. Научивме да станеме кога е најтешко, да бидеме колектив, колектив кој изгради голем соживот. Чекоревме храбро и чесно, заедно со инструкторскиот тим и дење и ноќе за да ја постигнеме оваа наша цел, цел означена со кохезија држење еден до друг, тактичност, цел за да станеме лидери, изјави новиот подофицер Јанковски.

На новите подофицери им честита и им даде целосна поддршка министерката за одбрана Радмила Шекеринска која им порача дека тие, заедно со првите, сите 120 подофицери ќе бидат пример за професионалните војници, како се работи, како се напредува, како се служи на татковината.

Таа уште им порача дека секоја година вклучително и во втората половина на 2021 година да се пополнува подофицерскиот кадар.

– Вие го покажувате правецот за секој војник, вие ги организирате, ги инспирирате ги мотивирате и ги насочувате, ги учите на дисциплина и одговорност. Доаѓате од базенот на професионални војници и најдобро знаете што значи да се биде добар професионален лојален војник. Вие сте рбетот на Армијата, а за секоја држава е клучно тој рбет да биде исправен и цврст, нагласи меѓу другото министерката Шекеринска.

Додаде дека тие ќе бидат одговорни за голем број војници, а пред нив ќе бидат првиот лидер и, како што истакна, нивниот однос и знаење ќе стане и однос на војниците кон Армијата и кон професионалноста и знаењето што е неопходно.

– Одговорноста што ја носите и ќе ја носите на вашите рамења е голема, но немам дилеми дека ќе одговорите на предизвикот, потенцира Шекеринска.

Според неа, со овој чин се заокружува една од важните цели не само за оваа година, туку за цела деценија во работењето на нашата Армија.

Цели 11 години, подвлече таа, нашата армија немаше ниту курс за подофицери, ниту производство и во тие 11 години е акумулиран недостиг на повеќе од 500 подофицери без кои ниту една армија, а камоли НАТО армија не може да биде цела. Оваа година во тешки услови на епидемија, на корона, на кризни состојби, рече Шекеринска, успеавме да ја завршиме оваа цел.

Таа се осврна на тоа дека е обновена нивната лична опрема.

– Обезбедени се сите припадници на Армијата да имаат нови борбени униформени, се обезбедува свечената униформа, Гортекст дополнителни униформи, чизми, спортска и алпинистичка опрема, вооружување и техника, како што се новите автоматски пушки и прв пат во историјата, нагласи Шекеринска, почната е и набавката на нови оклопни транспортери.

Потсети дека е интервенирано и во платите и нивните бенефиции, а новите измени на Законот за служба во АРМ, се предвидува уште една опција за сите оние кои полнат 40 години и не успеале да станат подофицери, освен шанса да работат во државната управа, ќе добијат можност да заминат со финансиски надоместок, што ќе им гарантира нов почеток.

Инаку, нивната обука, заедно со првата група од 65 подофицери чија обука започна на 28 ноември 2020 година, а во прв подофицерски чин беше промовирана во февруари, и втората група од 55 лица чија обука започна на 22 февруари, се реализираше на армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“, од страна на искусни инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот за специјални сили и извидувачко – разузнавачкиот баталјон.

Курсот за подофицери се состои од повеќе теми и тоа – подофицерски одговорности, воени вештини, лидерство и етика, општи воени знаења и практични форми на обука и ситуациони вежби.