Пред гласањето градоначалникот на Битола Тони Коњановски ги повика советниците да се изгласаат двете дополнителни точки, ребалансот на буџетот и зимската служба.
-Потребата за измени и дополнување во буџетот е итна, неодложна и неопходна за функционирање на општината во идниот период, а заради повеќе причини: една од причините се планираните дополнителни средства за електрична енергија, кои се потребни за сервисирање на драстично на зголемите обврски за електрична енергија, кои Општината ги има спрема ЕВН, после раскинувањето на договорот со снабдувачот У-Повер, која ситуација настана на 01.10.2021 година. Понатаму тука се и планираните средства за функционирање на новата јавна општинска установа КИЦ, која менаџира со киното Манаки и Офицерскиот Дом, како и определување на дополнителни средства за исплата на избирачките одбори по одлуката на државната изборна комисија, која се донесе во текот на изборниот циклус на локалните избори за 2021 година. Понатаму, денешниот датум, 15 ти ноември е исто така последниот датум кога треба да се донесе Програмата за организирање и функционирање на зимската служба за 2021/2022 година за подрачјето на Општина Битола. Заради овие причини, замолувам и апелирам да се одважиме и да се издигнеме над политиката, бидејќи Општината е јавен сервис и интересот на граѓаните е над се, рече Коњановски.
Претседателката на Советот, Габриела Илиевска рече дека двете точки и таа за ребалансот и за зимската служба едногласно биле изгласани.