За 2023 година ќе има на располагање дополнителни 240 годишни и 264 месечни ЦЕМТ дозволи. Од сегашните 1.440 годишни ЦЕМТ дозволи следната година ќе има 1.680, а месечните 2.544 ЦЕМТ дозволи се зголемуваат на 2.808, објави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на традиционалната средба на превозниците, во организација на Асоцијацијата Макам Транс.
-На овој начин сметаме дека даваме посебен инпут за развој на транспортната дејност во земјава, рече Бочварски.
Тој посочи на важноста на Информација што ја усвои Владата за одвивање на патниот транспорт на стока со Украина во билатерала и транзит без дозволи до крајот на годината, како и на изменетата и дополнета Уредба за начинот на распределба, дистрибуција и ревизија на искористеноста на дозволите за меѓународен превоз на стока, на која работеле заедно со Макам Транс.
-Сакам да Ве уверам дека на овој начин настојуваме максимално да ги задоволиме потребите на нашите превозници за непречено одвивање на транспортот. Како ресорно Министерство остануваме посветени во работата со превозниците, остануваме отворени и секогаш транспарентни за вас. Ја спроведуваме транспортната политика и правиме сериозни чекори кон обезбедување подобри услови за работа за вас и за зајакнување на транспортната дејност, рече Бочварски.
Генералниот секретар на Макам Транс Билјана Муратовска, потенцираше дека првпат по четири години е направена значајна измена на Уредбата за распределба на дозволите и се овозможил поголем број на ЦЕМТ дозволите што ќе бидат предмет на распределба во 2023 година.
– Успеавме да донесеме измена со која ќе имаме подобри резултати во однос на претходните. И овојпат ќе имаме незадоволни кои очекувале повеќе, а добиле помалку, рече Муратовска, порачувајќи им на превозниците да увидат каде грешат за да имаат подобри резултати.
Им порача и да бидат сложни за да може да се опстанат во условите на тековните кризи. -Немојте да си конкурирате меѓу себе, туку конкурирајте си со превозниците од другите држави. Ние мора да бидеме сложни ако сакаме во овие тешки времиња да опстанеме и да ги преживееме повеќето кризи, рече Муратовска на јубилејот по повод 30 години од првата организирана средба на превозниците во Росоман.
Ресорниот министер на средбата информираше и дека во рамки на почнатите активности за процесот на преговори со Европската унија скринингот на ресорот транспорт ќе се случи на средината на 2023 година за што се подготвуваат во Министерството.
Ги претстави и дополнителните дозволи што се обезбедени во изминатиот период преку Министерството за транспорт и врски, при што потести дека е договорено зголемување на квотата на годишни дозволи за и од трети земји со Република Бугарија од 1.150 на 1.500 дозволи, што е за 350 годишни дозволи повеќе.
Дополнително, посочи министерот, го зголемивме бројот на транспортни дозволи за 300 дозволи повеќе за меѓународен транспорт со Република Турција и тоа од 1.300 дозволи за и од трети земји оваа година имаме 1.600 такви дозволи. Во однос на дозволите за билатерален превоз, од сегашните 3.150 дозволи обезбедивме дополнителни 500 дозволи, со што со Турција сега имаме 3.650 дозволи за билатерален превоз. Вкупнo 800 дозволи дополнителни за Турција за годинава…
Северна Македонија како полноправна членка на Организацијата за црноморската економска соработка доби три илјади транспортни дозволи од годишната квота за 2022 година од системот на Б-СЕК. -Создадовме услови за олеснување на патниот транспорт во земјите на црноморскиот регион. Овие транспортни дозволи може да се користат за превоз на стоки во билатерала и транзит за Албанија, Турција, Романија, Србија, Украина, Молдавија, Грузија и Ерменија, а додека за превоз на стоки за и од трети земји може да се користат само во Албанија, Грузија, Молдавија, Романија и Украина. Обезбедени се и дополнителни 400 дозволи за нашите превозници за Италија до крајот на оваа календарска година, рече Бочварски, кому на свеченоста му беше доделена плакета во знак на благодарност за соработката со Макам Транс.