До 1 септември во Македонија биле регистрирани вкупно 56 случаи на западнонилска треска, од кои 52 се потврдени, а четири се водат како веројатни, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје.

Од заболените, 54 се жители на Скопје, додека по еден случај се регистрирани кај жители на Велес и Куманово.

Вкупно 55 случаи се автохтони, а еден е поврзан со патување во Грција, при што инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија.

Меѓу заболените има значително повеќе мажи – 44 или 78,7 отсто, наспроти 12 жени, односно 21,3 отсто. Најголем дел од пациентите се постари од 60 години – 45 лица или 80,4 отсто. Седум заболени се на возраст од 50 до 59 години, еден е меѓу 30 и 39 години, а тројца се на возраст од 20 до 29 години. Просечната возраст на заболените е 65,8 години.

Најголемиот број случаи се појавиле во текот на август. Кај 36 пациенти, односно 64,3 отсто, почетокот на симптомите е регистриран во овој месец. Кај 17 лица симптомите започнале во јули, кај двајца во јуни, а кај еден пациент во мај.

Од регистрираните случаи, 54 се со невроинвазивна форма на болеста и сите биле хоспитализирани. Од нив, 53 биле лекувани на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, а еден во „Аџибадем Систина“.

Досега 36 пациенти се испишани од болница, 12 сè уште се на лекување, а седум починале.

Просечното траење на лекувањето кај испишаните и починатите пациенти изнесува 13,5 дена.

Сите седум починати пациенти биле мажи од Скопје, со просечна возраст од 73,2 години. Најмладиот имал 62, а највозрасниот 83 години. Сите биле хоспитализирани, а кај петмина биле регистрирани придружни заболувања.