Поранешниот генерален секретар на Владата замина на одмор во егзотичната прекуокеанска дестинација без разјаснети дилеми околу спорната набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци, а јавноста му замери и за тоа што патува на примамливо место за време на пандемија.

Во последната изјава Рашковски рече дека нема да го прекине одморот, односно дека во Мексико останува до 31 март, а правните дилеми околу набавката ги остава на институциите.

Премиерот Заев рече дека лично се уверил дека во набавката нема ништо спорно, но апелираше надлежните институции да го проверат случајот. Претходно најави дека Владата со документи ќе докаже дека софтверот не е купен попусто и дека е наменет за МВР.

Вицепремиерот за борба со корупција Љупчо Николовски вчера рече дека Владата нема да избрзува со барање на политичко-морална одговорност, туку дека ќе чека епилог од Обвинителството и од антикорупциската комисија.

Рашковски беше актуелен во јавноста по сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, кој тој ја направил во времето кога беше генерален секретар на Владата за вредност од 81 000 евра. Според сторијата, Рашковски го набавил за потребите на Министерството за внатрешни работи, а оттаму велат дека ниту знаеле дека таков софтвер е набавен ниту, пак, им треба.