Драги Рашковски е на слобода. Нему му се укинува куќниот притвор, а прифатена е гаранција. Гаранцијата е мерка за обезбедување на негово присуство во рамки на кривичната постапка што се води против него поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст. 1 на Кривичниот законик, соопштија утрово од Апелационен суд Скопје.

– Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ – 816/23 на нејавна седница на ден 03. 11. 2023 година, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. од С. , во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл. 273 ст. 1 на Кривичниот законик, информираат од Апелација.

Посочуваат дека вака донесените решенија во целост ќе бидат објавени на веб-страницата на судот во роковите утврдени со Законот за водење на постапките во судовите.