Српска државјанка (36) е потешко повредена во несреќа што се случила во морската област Гларокавос, на Касандра, додека управувала скутер на вода (џет-ски), јавуваат грчките медиуми.
Инцидентот се случил вчера попладне кога жената паднала од скутерот во морето. При падот, таа се здобила со повреда на главата и ја изгубила свеста.
Според пишувањата на грчкиот весник Катимерини, прва помош на жената и пружиле нејзиниот сопруг и менаџерот на компанијата за изнајмување чамци. Брзата помош набрзо пристигнала на местото и повредената туристка прво била пренесена во Здравствениот центар Касандра.
Поради сериозноста на повредата, таа потоа била префрлена во Општата болница Халкидики, а потоа во болницата Папаниколау во Солун, каде што е задржана за понатамошни прегледи и следење на нејзината здравствена состојба.
Случајот го истражува Втората пристанишна управа на Неа Мудања при Централната пристанишна управа на Солун. Како дел од прелиминарната истрага, полицијата го уапсила 53-годишниот менаџер на компанијата која го изнајмила скутерот на српската државјанка.
Според грчките медиуми, тој е обвинет за прекршување на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на изложување на лице на опасност и нанесување телесни повреди од небрежност.
Истрагата утврдила дека скутерот на вода и бил изнајмен на Србинката иако, како што е наведено, таа не поседувала потребна дозвола за управување со глисер.
Надлежните органи ја продолжуваат истрагата со цел да се утврдат сите околности на несреќата.
