Дресот што американската кошаркарска легенда Мајкл Џордан го носеше за време на финалето на НБА во 1998 година е продаден за рекордни 14 милиони долари, со што е соборен рекордот поставен едвај еден месец претходно, соопшти американската аукциска куќа „Хант окшнс (Hunt Auctions)“.

Американски инвеститор во недвижности ја платил оваа сума за црвениот дрес на „Чикаго булс“ со култниот број 23 на Џордан, којшто тој го носеше на вториот натпревар од финалната серија против „Јута џез“. Според аукциската куќа, ова е највисоката цена некогаш платена за некој предмет поврзан со кошаркарската историја. Минатиот месец, друг дрес на Џордан – од третиот натпревар од истото финале, беше продаден за дотогаш рекордни 12,26 милиони долари.

Сезоната 1997 – 98 беше последна за Џордан со „Чикаго булс“ и е во средиштето на интересот на документарниот филм „Последниот танц (The Last Dance)“. Предводени од Џордан, од 1991. до 1998 година „Булс“ освоија шест НБА-титули, а дресовите од неговите финални шампионски серии остануваат високо оценети и барани. Во 2022 година, неговиот дрес од првиот натпревар на финалето во 1998 година беше продаден за 10,1 милион долари – рекорд што опстојуваше сè до продажбата минатиот месец.

Сепак, ова не е најскапиот спортски дрес продаден некогаш. Тој рекорд ѝ припаѓа на маицата на „Њујорк јенкис“ што ја носеше бејзбол-легендата Бејб Рут за време на Светската серија во 1932 година, а којашто во 2024 година достигна цена од 24,12 милиони долари.