Сè побрутални и повидливи форми на врсничко насилство се забележуваат во училиштата, а особено загрижува фактот што учениците не само што сведочат на тепачките, туку ги снимаат и на тој начин стануваат дел од агресијата. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, оцени дека иако според податоците со кои располага нема зголемување на булингот, неговите форми станале многу посурови и повознемирувачки.

Јаневска посочи дека во најголем број случаи децата на училиште доаѓаат со веќе изградени модели на агресивно однесување, односно училиштето не е местото каде што тие стануваат насилни. Таа објасни дека постојат различни причини поради кои едно дете може да стане жртва на врсничко насилство – од тоа што е помирно, повеќе учи или на некој начин се разликува од другите.

„Во најголем случај децата на училиште доаѓаат агресивни, тие не стануваат такви таму. Има класичен булинг кога ќе му се окомат на некое дете од разно-разни причини, од тоа што многу учи, помирно е или е различно на некој начин, и тогаш и тоа дете може да стане агресивно“, истакна министерката.

Според неа, справувањето со овој проблем не е само обврска на училиштата и наставниците, туку бара вклученост на целото општество, особено на родителите.

Јаневска нагласи дека особено загрижува новата појава на снимање на насилните инциденти, при што голем број деца стојат настрана, гледаат и не реагираат, а со тоа индиректно учествуваат во насилството.

„Според моите податоци, булингот не е покачен, но станал побрутален, повулгарен, пострашен и повидлив. Тоа снимањето е пострашно. Деца секогаш се тепале, не вака брутално, а родителите и училиштето ги казнувале за таквото однесување. Но ова снимање, каде што во снимањето дефакто се приклучува голем број на апатични деца кои немаат емпатија, кои не сочувствуваат со жртвата, е уште пострашно“, рече Јаневска.

Министерката информираше дека Министерството за образование спроведува кампањи и обуки за наставниците, со цел тие навреме да препознаваат случаи на врсничко насилство и соодветно да реагираат. Таа потсети дека постојат утврдени процедури кои училиштата треба да ги следат при секој пријавен случај.

Постапката предвидува вклучување на училишниот психолог, информирање на директорот, повикување на родителите, а во зависност од сериозноста на случајот и пријавување во полиција и известување на надлежните социјални служби.

Сепак, Јаневска посочи дека во практиката сè уште има отпор, особено кај родителите на децата кои вршат насилство, кои често не сакаат да ја прифатат одговорноста за однесувањето на своите деца.

„Тоа е еден круг каде во Македонија допрва треба да се забрза и да се доостри како што треба“, оцени министерката.

Таа додаде дека Министерството има подготвено неколку прирачници со конкретни насоки за постапување во различни случаи на насилство, а свој прирачник изработило и Бирото за развој на образованието. Покрај тоа, се спроведуваат кампањи и обуки за наставниците, а се очекува и дополнителна кампања во наредниот период.

Како особено важно, Јаневска го издвои и правилното постапување со децата кои покажуваат проблематично и агресивно однесување. Според неа, решението не е тие само да бидат преместувани од едно во друго училиште, туку да им се обезбеди соодветна стручна помош и поддршка.

„Треба да им најдеме чаре на тие проблематични деца, а не само да го префрлиме од едно во друго училиште“, порача Јаневска.

Таа нагласи дека наставниците треба да поминат дополнителни обуки, а училишните психолози континуирано да се усовршуваат и да работат со децата кои имаат проблеми во однесувањето. Во таа насока, како што посочи, Министерството вработува психолози кои треба да помогнат во справувањето со овие предизвици.

Јаневска се осврна и на потребата од поголема поддршка за родителите, посочувајќи дека постојат проекти за добро родителство кои треба да ги спроведуваат невладините организации преку различни курсеви и обуки.

Според министерката, борбата против булингот бара координирана акција на училиштата, наставниците, стручните служби, родителите и институциите, бидејќи само со заеднички пристап може да се спречи насилството и да им се помогне и на жртвите и на децата кои го предизвикуваат.