Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека едукацијата за борба против насилството мора да започне уште од најрана возраст. Таа се обрати на панел-дискусијата на тема „Гласот на младите: еднакви можности и иднина без насилство“, која денеска се одржа во Битола во организација на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

„Заборавете на гневот, заборавете на лошите зборови, напротив уживајте во играта, почитувајте го противникот. Насилството сите нè боли. Навредливо е. Незамисливо е, меѓутоа тоа е сложен феномен“, истакна Сиљановска-Давкова.

Обраќајќи се пред присутните членови на здружението, таа потенцираше дека превенцијата и институционалната едукација треба да бидат поставени во темелите на образовниот систем.

„Ако легитимирате употреба на сила, а некои под наводници јунаци, добијат важен општествен статус, и ако некој се восхитува од лошите зборови или од примената на сила, што е сосема погрешно, тогаш пораката е лоша. Затоа ние мораме уште во основно училиште, а можеби и во детските градинки да почнеме да ги учиме децата за ненасилство, да ги учиме за тоа дека зборот боли. Секогаш кога ќе се соочите со насилство и кога ќе го прашате оној што е жртва на насилство ќе ви каже дека на тоа му претходело насилство со зборови. Не смееме тоа да го толерираме и затоа треба уште во основно образование, и во гимназија треба да знаеме дека многу тешки работи можат да се кажат со зборови“, нагласи Сиљановска-Давкова.

На интерактивниот панел во битолскиот Офицерски дом, организиран во рамките на проектот „Спорт без насилство – Младински форум за фер плеј“, свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави општинските вложувања во спортската инфраструктура.

„Спортот ги поврзува луѓето, спортот ги зближува сите без разлика на вера и нација или економски статус. Спортот поврзува на терен и трибина. Затоа ние како локална самоуправа и со поддршка на Владата преку Министерството за спорт ги обновивме сите училишни и спортски терени во градот, а изградивме и спортски сали за младите да спортуваат и рекреираат“, истакна Коњановски.

Во рамките на настанот беше прикажан и документарен филм во кој фокусот беше ставен на социјалната инклузија на младите со помалку можности, нивното активно вклучување во процесите на носење одлуки, како и поддршка на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“.