Како што информираат од друштвото, во последните три години се зачлениле повеќе уметници, штотуку дипломирани на ФЛУ како и од други уметнички факултети.
– Сметаме дека нив треба да им се даде шанса да сцената на изложбените активности ја прошират со свој иновативен пристап. Пропозициите кои се дадени го негуваат новиот истражувачки потенцијал и примената на мултидисциплинарност и интермедијалност. Во современите текови на аналитичката уметност младите имаат идеи и теми за кои треба да добијат шанса за презентација и изложување. Така ќе ја помогнеме можноста на откривање на нови таленти, сериозно посветени млади уметници, а оваа изложба ќе биде и нивна отскочна даска за остварување на слободата на изразот, стои во соопштението од ДЛУМ.
На изложбата ќе биде доделена наградата „Нови енергии“ на Ана Трајковска за делото со наслов “Vicarious”.