Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница меѓу другото расправаше и за злоупотребите на институциите за време на пандемијата, главно за купените службени автомобили од страна на државните институции. До ДКСК пристигнале информации и за низа други злоупотреби со набавки во институциите.
Претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, вели дека не биле само двата автомобила за кои пишуваа медиумите, туку дека институциите вкупно купиле 150 нови автомобили во времето на пандемијата. Ивановска овие информации ги нарече „загрижувачки“.
Сепак, Ивановска соопшти дека Антикорупциската комисија, која по сопствена иницијатива отвори предмет, денеска одлучила да го запре постапувањето со заклучок дека корупција не може да се потврди поради тоа што слабостите се должат „пред сѐ на немање ефикасен систем за набавки во вонредни услови и дека пандемискиот период бил „хаотична ситуација“ во целиот свет“.
Таа соопшти дека институциите во земјава набавиле 150 возила со вкупна вредност од над 3,6 милиони евра, односно луксузни возила со поединечна вредност од 20.000 до 40 000 евра за коишто, како што вели Ивановска, не се гледа потреба да се купуваат, особено во време на пандемија.
Владата треба да донесе одлука за службените возила. Од една страна стега со даноци, а граѓаните ги иритира кога гледаат дека пари се трошат за луксузни возила кои се користат дури и за приватни цели. И кога се работи за службени цели, може да се помине со поевтини возила – рече Ивановска.
Исто така, според претседателката на ДКСК, загрижувачки е и фактот што државните институции за време на пандемијата и економска криза, продолжуваат да ангажираат надворешни фирми за извршување на работи што треба да ги извршуваат административците кои веќе работат во овие институции. Од Антикорупциска велат дека купувањето службени автомобили и ангажирањето надворешни соработници во државни институции се индиции за корупција.
Оттаму велат дека за секоја ситуација во земјава во која се случуваат злоупотреби, особено во време на криза, надлежните треба да се преземат итни мерки и да ги санкционираат раководителите-прекршители.