Очекуваме МВР да ги разгледа забелешките
Пратеничката група на ДУИ најави дека ќе ги поддржи измените на Законот за прекршоци, кои предвидуваат воведување на системот „Безбеден град“. Законските измени треба да бидат ставени на дневен ред на петочната седница, а нивната имплементација е предвидена да започне на 1 февруари.
„Ќе го поддржиме законот, но очекуваме МВР да работи на забелешките кои ги имавме за овој закон“, изјави координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, предводен од ДУИ, Рина Ајдари, од собранискиот прес-центар.
Со поддршката на ДУИ, власта ќе обезбеди двотретинско мнозинство за измените на Законот за прекршоци, што ќе овозможи системот „Безбеден град“ да почне со работа од 1 февруари. Законот за прекршоци беше и една од темите на лидерската средба, на која не присуствуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој претходно истакнуваше дека дискусиите за важните законски решенија треба да се водат во Собранието.
