Коалицијата Вреди жестоко реагира на последните настапи на функционерите на ДУИ, обвинувајќи ги за панично однесување и изгубена политичка ориентација.
Во нивното соопштение стои дека човекот кој со години се обидува да седне на тронот на Али Ахмети, Бујар Османи, денес се однесува како да паднал од Марс. Според Вреди, Османи заборава дека самиот е симбол на бројни владини скандали што останале зад него.
Коалицијата оценува дека и по две децении апсолутна власт, ДУИ не научила што значи достоинствено владеење. Ниту, пак, разбрала како треба да се однесува една опозиција во демократско општество.
Денес, според Вреди, ДУИ изгуби доверба од граѓаните и е во панична битка за опстанок. Партијата моли за уште малку власт како за последен здив.
„Во отсуство на идеи и визија, ДУИ ги мами граѓаните со лажни ветувања и очајнички повици за предвремени избори“, стои во реакцијата.
Коалицијата Вреди предупредува дека ова не е борба за демократија, туку обид за спас на нивното богатство и компромитирани досиеја.
Во соопштението се наведува и низа конкретни обвинувања против функционери на ДУИ:
Бујар Османи, кој доделувал тендери за рента-кар како бакшиш за пријатели,
Блерим Беџети, кој заедно со Данела Арсовска го претворил Скопје во хаос,
Артан Груби, кој, според нив, се најде на црната листа откако му помогнал на Сашо Мијалков да избегне од правдата.
„И по сето ова, ДУИ мисли дека Албанците ќе им поверуваат повторно?“, прашуваат од Вреди.
Коалицијата потсетува на празните ветувања за воведување ISO-стандарди и за добивање одговори од европските институции, нешта кои никогаш не се реализирале.
Посебно срамно, како што велат, било кога во собраниската „Соба 16“ ДУИ понудила четири министерства и претседател на Собранието. Очајнички обид само за да остане на власт преку коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицијата Вреди смета дека ДУИ изгуби доверба кај граѓаните и сега, во отсуство на моќ, се обидува да поттикне кризи и да создаде нестабилност.
Тие нагласуваат дека денес ДУИ, со потпалувачка реторика и уцени за бојкот на изборите, не се бори за иднината на Албанците, туку за својот личен спас.
„Без суштинска програмска и кадровска промена, ДУИ нема да ја види власта уште долго време“, заклучуваат од Коалицијата Вреди.