Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави реконструкција на Владата по локалните избори. Тој изјави дека смените нема да бидат поради неуспешност на сегашните функционери, туку поради потреба од „подинамичен капацитет“ и засилено темпо на реформите.

„Веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме,“ рече Мицкоски на отворањето на партискиот настан „Саем на градоначалници – 4 години работа за тебе“.

Тој нагласи дека нема промени во однос на коалицискиот партнер од албанскиот блок. „ДУИ уште долго време ќе остане во опозиција, зашто без ниту една научена лекција нема да се врати на власт,“ порача премиерот.