Во два наврати, на 24 февруари и на 8 мај, осомничениот извршил разбојништва во иста спортска обложувалница на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Се преправал дека пополнува ливче, по што станувал од масата и со нож им се заканувал на вработените за да ги принуди да му ги дадат парите. Првиот пат одзел 21.918 денари, а вториот пат – 20.400 денари од работните фиоки зад наплатниот пулт.
На 18 мај, осомничениот 26-годишник влегол во спортска обложувалница на улицата „Никола Тримпаре“ во Скопје и на вработениот му се заканил со зборовите: „Надвор сме тројца, да не ја правиме голема, дај ги парите“. Оштетениот, исплашен дека би можеле да го нападнат, ги извадил парите од фиоките и му ги дал. На овој начин осомничениот противправно происвоил 70.000 денари и избегал од местото.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото.