За разлика од бројни други музички натпревари кои во услови на светската пандемија алтернативно се одржуваат онлајн, организаторот на овој престижен и афирмиран натпревар на учесниците им овозможува настап во живо на концертен подиум. Младите музичари од Србија, Албанија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Германија, Русија, Полска, Кина, Ерменија, Португалија како и од нашата земја ќе се натпреваруваат во дисциплините флејта, обоа, кларинет, труба, саксофон, хорна и камерна музика. Заради почитување на здравствените протоколи и годинава како и на минатогодишното издание настапите ќе се одвиваат без публика, само во присуство на стручните комисии во свечената сала на Општина Охрид.
„Охридски бисери“ е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во земјава, кој од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници.
Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од наградите: 3000, 2000 и 1000 евра за највисоко рангираните, награди на здруженијата СОКОМ и СМУМ, Фондацијата „Зографски“, како и наградите на Фондацијата „Двајт и Урсула Мамлок“ и издавачката куќа „Рајс Ерле“ од Германија. Општина Охрид на победникот му доделува ракотворба златна маска, а Михајло Филев вреден накит – охридски бисери. Според организаторите, посебно значајна е и наградата на европската асоцојација на музички натпревари ЕМСИ, која на добитникот му овозможува годишна промоција преку учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови.
„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на ЕМСИ од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји и токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот „Охридски бисери“ во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот.
Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и градоначалникот на општина Охрид.