Станува збор за 53 годишен пациент кој примил „Фајзер“, случај пријавен во април, и 85 годишник имунизиран со „Астра Зенека“ во септември. Ова засега се само сомневања кои допрва треба да се утврдуваат преку синџир на анализи кои треба „под лупа“ да го стават и медицинскиот профил на пациентот, од што боледувал и какви лекарства земал, вели раководителката во Агенцијата за лекови Мерјем Хаџихамза која заедно со првиот човек на МАЛМЕД оствари он-лајн средба со новинарите.
Досега се пријавени околу 240 негативни последици по примена вакцина, но најголем дел од нив се оние вообичаените како главоболка, вртоглавица и болка во рамото. Ова е помалку од 1% од сите вакцинирани, појаснува Директорот на МАЛМЕД Љирим Шабани.
Ризик од несакана последица има секој лек и вакцина, па дури и Аспиринот. Антиковид вакцината, според надлежните, спасува животи со тоа што го намалува ризикот за хоспитализација и смрт. Според анализите на Министерството за здравство во последните четири месеци од вкупниот број на починати од КОВИД 19, околу 80 % биле невакцинирани.