Денеска се навршуваат две години од пожарот во модуларната болница во Тетово во која животите ги загубија 14 луѓе, кои таму беа на болничко лекување поради дијагностициран КОВИД-19. Пожарот избувна на 8 септември 2021 година околу 21 часот во монтажниот објект од модуларна болница.

По пожарот беа констатирани 14 смртни случаи, додека 12 пациенти го преживеаа и беа хоспитализирани уште неколку денови во други објекти на болницата. Советот на Општина Тетово на вонредна седница прогласи три дена жалост во градот, од 9 до 11 септември.

Откако беше направен увид на местото на пожарот Основното Јавно Обвинителство Тетово направи и повеќе вештачења за да се утврдат околностите поради кои е дојдено во пожарот. Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Истрагата, прибирањето на докази и поднесувањето на обвинителен предлог до Основен суд Тетово траеја до 27 јули 2022 година. Обвинителството поднесе кривични пријави за двајцата директори на болницата, еден доктор и ЈЗУ Клиничка болница како правно лице.

Судот на 16 август сооопшти за кои дела се осомничени двајцата директори, докторот како и Клиничката болница. По една година, на 5 август 2023, беа изречени две условни казни и една ослободителна пресуда за пожарот.

На 13 август ИРЛ го објави истражувањето „Убиство во Тетово“ кое ги открива вистинските причини за пожарот коишто не водат низ лавиринт од грешки и пропусти направени од обични службеници до високо профилни лица од сферата на политиката, бизнисот и судството.