
За првпат во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, како и во нашата земја, во еден ден беа успешно изведени две роботски асистирани гинеколошки операции. Со овие интервенции, „Аџибадем Систина“ – единствениот центар за роботска хирургија во Северна Македонија, Косово и Албанија – уште еднаш ја потврди својата лидерска улога во примената на роботски асистирана хирургија во различни области и отвори нови можности за современо и прецизно хируршко лекување.
Гинеколошкиот тим го предводеше д-р Бобан Сарџовски, специјалист по гинекологија и акушерство, со целосна поддршка од д-р Јосиф Ѓорески, специјалист по гинекологија и акушерство, анестезиологот д-р Емилија Мирчевска, како и медицински сестри, техничари и болничари.
„Се работи за две пациентки на возраст од 40 и 30 години кај кои беа изведени комплексни гинеколошки операции. Кај двете беа изведени роботски асистирани лапароскопски хистеректомии поради различни медицински индикации. Првата пациентка, на возраст од 40 години, поради голем интрамурален миом на матката, кој предизвикувал интензивно менструално крвавење и последователна анемија, беше подложена на роботски асистирана лапароскопска хистеректомија со обострана салпингектомија, односно отстранување на матката и двата јајцевода, со зачувување на јајчниците и нивната хормонална функција. Кај втората пациентка, на возраст од 30 години, по претходно утврдена малигна патологија на јајчникот, беше изведена роботски асистирана лапароскопска хистеректомија со левострана аднексектомија, односно отстранување на матката, левиот јајчник и јајцевод, како и обострана пелвична лимфаденектомија, при што беа отстранети лимфни јазли од карличната регија со цел утврдување на стадиумот на болеста и планирање на понатамошниот онколошки третман,“
објаснува д-р Сарџовски.
Операциите поминаа успешно, со минимална загуба на крв, а пациентките беа мобилизирани уште првиот ден по интервенциите. Благодарение на минимално инвазивниот пристап и брзото постоперативно закрепнување, се очекува двете пациентки да бидат отпуштени од болница и да се вратат во своите домови веќе следниот ден.

„Во центарот на секоја роботски асистирана операција е хирургот, кој од хируршката конзола управува со роботот, користејќи ги предностите на напредната технологија, како што се: тридимензионалната визуализација со зголемување до 10 пати, поголемата прецизност и слободата на движење, кои овозможуваат изведување сложени интервенции и во анатомски тешко достапни региони. Сепак, зад секоја успешна операција стои искусен и добро координиран хируршки тим, а вистинската вредност на роботската технологија доаѓа до израз преку знаењето, искуството и заедничката работа на сите членови на тимот,“
дополнува д-р Сарџовски.
Воведувањето на роботскиот систем во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ не претставува само технолошки напредок, туку го означува и почетокот на ново поглавје во современата хируршка пракса.
