И од двете судења се дознаваат скокотливи детали за познати американски и странски политичари, милијардери, медиумски лица, научници.

Судскиот процес против Холмс (37), некогашна сопственичка на банкротираната компанија „Теранос“, се води во Сан Хозе, Калифорнија и таа е тужена од државата за малверзации и милионски измами.

На 19 годишна возраст таа го убедила универзитетот Стенфорд да финансира нејзин стартап. Во 2013 година компанијата започнала да го продава својот производ, уред за наводно брзо тестирање крв и дијагноза на 200 болести и здравствени состојби, што тогаш беше прикажуван како револуционерен во областа на медицината.

Со дарба да глуми и презентира, Холмс била поддржана од такви величини како Хенри Кисинџер, екс министерот за одбрана Џим Матис и дипломатот Џорџ Шулц. Американските медиуми сега објавуваат снимки во кои таа е во присуство на високи политичари како тогашниот потпретседател Џо Бајден (сегашен претседател) и екс претседателот Бил Клинтон, на чии средби таа се прикажува како успешна „селфмејд“ милијардерка, а тие ги фалат нејзините способности и ја покажуваат како примар за технолошките компании. „Теранос“ дури успеала да склучи договор за продажба и со американската армија.

Во истражување на Волстрит журнал од 2015 година се потврди дека уредот не работи, односно вршел само три тестирања, додека останатите биле правени на друга опрема а прикажани како да се од истиот уред. Семејството Девос, вклучувајќи ја министерката за образвание на САД, Елизабет Девос, Волтонс, наследниците на Волмарт и други инвеститори, изгубија вкупно 600 милиони долари инвестирани во „Теранос“. Медиумскиот могул Руперт Мердок, на пример, изгуби 120 милиони долари.

На судењето минатата недела, Холмс имаше прво обраќање од кое се укажа дека адвокатите ја позиционираат нејзината одбрана со префрлање вина на нејзионот тогашен бизнис партнер и интимен пријател Рамеш „Сани“ Балвани. На судењето таа тврдеше дека тој сексуално ја злоупотребил и вршел емоционална контрола врз неа, нарушувајќи ја нејзината психолошка состојба.

Против Балвани (56) има слични тужби, а тој одговори дека нејзините обвинувања се „шокантни“. Холмс се соочува со 20 годишна казна затвор. За неа се снимени неколку документарни филмови, а најновиот на ХБО, треба да стартува наскоро.

Максвел пак, позната како британска иселеничка и дел од високите социјалните кругови на Њујорк сити, е неминовно поврзана со озлогласениот финансиер Џефри Епстин, кој лани во пресрет на своето судење се самоуби во затвор во Њуjорк. Тој беше обвинет за сексуална злоупотреба и подведување малолетници во своите домови на Менхетн, во Палм Бич, Флорида, на приватен остров во Карипското море и во Париз.

Максвел, ќерка на познат медиумски бизнисмен од Лондон, е обвинета дека ги водела домаќинствата на Епстин и била вклучена во врбување на малолетници за наводна работа во салони за масажа во домовите на бизнисменот, кои биле сексуално злоупотребувани од него и од други возрасни.

Некои од жртвите сведочеа на судењето во Њујорк што почна завчера.

Во искази дадени под заклетва, тие ја посочија Максвел како жената која ги убедувала дека тоа што го прават е правилно, им купуала подароци, ги носела на шопинг, и заедно со Епстин ветувале школување и помош за нив и за нивните семејства.

Според исказите на рочиштето синоќа, во некои моменти со некои жрви и таа самата, во топлес, учествувала во сеансите.

Вниманието на јавноста за овој случај е свртено поради тоа што од сведоците испливувааат имиња на познати политичари, научници и милијардери, кои патувале во приватниот авион на Епстин. Од судењето во наредните денови може да се дознае кој и како учествувал и бил поврзан со овие незаконски активности органзирани во тек на период од речиси две децении.

Така на пример, сведокот Лари Висоски кој речиси 30 години работел како пилот на приватниот авион на Епстин, вчера сведочеше дека на некои летови се наоѓале и поранешните претседатели на САД, Клинтон и Доналд Трамп, какo и поранешниот космонаут и сенатор Џон Глен. Долгогодишна врска со финансиерот имал и англискиот принц Ендрју кој беше повикан од државното обвинителство на САД да даде искази, но овој одби. Висоски изјави дека превезувал многу патници и жени, но не знае дали некои од нив биле малолетни.

Една од жртвите, Џејн До, била само 14 години кога Епстин и Максвел ја врбувале во својот круг за сексуална злоупотреба на малолетни лица. Друга жртва, Вирџинија Робертс Гуфри, која сега е на возраст од 37 години, тврди дека била терана да има полови односи со личности од високиот бизнис и политика. Гуфри се уште нема сведочено, но медиумита лани јавуваа дека во кругот на проституција оформен од Епстин и Максвел таа имала полови односи со поранешниот гувернер на сојузната држава Њу Мексико, Бил Ричардсон, и со поранешниот сенатор од Мејн, Џорџ Мичел. Гуфри имала сексуални односи и со такви лица како агентот од агенција за модели, Жан Лук Брунел и Марвин Мински, починат професор од Масачусетски институт за технологија.

Основачот на Мајкрософт“, Бил Гејтс, во интервју по повод неговиот развод летоска укажа дека „жали“ што имал краткотрајна врска со финансиерот.

Како и Холмс така и Максвел, вината за своите постапки ја префрла на својот партнер, починатиот Епстин. Таа се соочува со доживотна казна затвор.