Маж починал откако паднал од ролеркостерот „Голијат“ во забавниот парк „Сикс Флагс Овер Џорџија“ во Остел, во близина на сојузната американска држава Атланта. Според полицијата во несреќата што се случила вчера има и неколку повредени, пренесува Ен-би-си њуз.

Сведоци изјавиле дека виделе маж како паѓа од ролеркостерот. Најмалку двајца од нив тврдат дека удрил во делови од конструкцијата пред да падне на земја.

Еден сведок рекол дека човекот седел со своето дете, а неговата сопруга и ќерка биле доле на земја и гледале сè што се случило.

Веднаш по несреќата ролеркостерот бил запрен, а вработените ги извадиле патниците од вагоните и ги спуштиле по скалите.

Полицијата сè уште не објавила како се случила несреќата. Ниту полицијата ниту паркот не го објавиле идентитетот на починатиот ниту информации за повредените.

Во соопштението, од „Сикс Флегс Овер Џорџија“ изразуваат длабока тага поради инцидентот и сочувство до семејството и пријателите на починатиот. Паркот изјави дека им дава поддршка на погодените посетители и дека целосно соработува со властите во истрагата.

„Голијат“ е дизајниран и изграден од швајцарската фирма „Болигер и Мабилард“. Отворен е во 2006 година, а падот од повеќе од 60 метри го рангира меѓу таканаречените „хипер ролеркостери“.