Две третини од граѓаните никогаш не користеле дигитална административна услуга, близу 60% повеќе сакаат услугите да ги добиваат на шалтер отколку онлајн, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 58,2% од граѓаните доколку имаат потреба од одредена услуга преферираат истата да си ја завршат лично на шалтер. Само 33,9% од граѓаните велат дека кога би можеле, работата би ја завршиле онлајн.

Очекувано, повозрасните граѓани имаат повеќе отпор кон компјутерите. Меѓу оние кои се над 60 години само 19,1% услугата би ја завршиле онлајн, додека кај граѓаните на возраст од 18 до 50 години процентот на анкетирани кои рекле дека преферираат услугите да ги добиваат онлајн се движи околу 44%.

Според образовната структура истражувањето покажува дека граѓаните со поквалитетно образование повеќе се вртат кон онлајн административните услуги. Па така ако 62,1% од анкетираните со високо образование изјавиле дека преферираат онлајн административни услуги, ваков став делат само 11,6% од оние кои немаат завршено ни основно образование.

Анкетата покажува дека над две третини од граѓаните никогаш не користеле онлајн услуга во некоја јавна институција. Додека само 26,5% изјавиле дека ги користеле онлајн услугите на државните институции дури 69,2% никогаш не се обиделе некој документ или услуга да го добијат онлајн. Оние кои користеле онлајн услуги, во огромно мнозинство изразуваат задоволство. Дури 87,4% од анкетираните рекле дека се задоволни од онлајн услугата која ја добиле од државните институции додека само 11,6% велат дека не се задоволни. Најголем дел од граѓаните или 25,6% велат дека користеле онлајн услуги на Министерството за внатрешни работи. Следи УЈП со 10,6% и катастарот со 7,8%.

Граѓаните во мнозинство велат дека не стравуваат за своите лични податоци со кои располагаат државните институции, иако, една третина од анкетираните се уште е скептична.

44,6% од анкетираните велат дека сметаат дека нивните лични податоци кои ги имаат институциите се безбедни и заштитени додека 32,1% сметаат дека не се. Во поглед на ефикасноста на институциите кои ги нудат административните услуги, граѓаните во мнозинство не гледаат некоја разлика во последните 5 години. 35% сметаат дека денеска не е ниту полесно ниту потешко да се извади документ во споредба со условите од пред 5 години.

30,3% сметаат дека денеска документите и административните услуги се добиваат полесно, а 25,7% сметаат дека се добиваат потешко.

Според граѓаните, реформата во јавната администрација не треба да се прави преку нови вработувања, туку преку намалување на бројот на вработени и дигитализација. Ваков став дела 53,3% од анкетираните додека 23,7% се на ставот дека реформата во јавната администрација треба да биде насочена кон нови вработувања и обуки.

Споредбата со истото прашање кое го имаше во Детектор пред 4 години покажува дека граѓаните денеска во поголемо мнозинство инсистираат на намалување на бројот на вработените и дигитализација.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.