Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес конференција потенцира дека недомаќинскиот однос на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го доведе кошаркарскиот клуб „Работнички“ во незавидна ситуација.
-Долговите се големи, „Работнички“ има дури шест БАТ-процеси што се водат против „центарци“. Фактот дека управата и градоначалникот Герасимовски не успеваат да најдат начин за исплата на средствата пред стартот на сезоната, говори дека чистењето на финансискиот хаос во клубот е невозможна мисија. Прашање е дали „центарци“ ќе успеат да ги решат овие спорови предБАТ-судот на арбитража на ФИБА“ рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
Тој го запраша градоначалникот Герасимовски дали Центар полека ја губи својата гордост Кошаркарскиот клуб „Работнички“.
-На што се должат овие долгови на клубот и зошто Герасимовски го дозволи
тоа?-Дали Работнички ќе мора да настапи со преполовена екипа во следната сезона и да игра со играчи од младинските категории?
-Колку пари се двојат од буџетот на општина Центар?
-Каде се потрошени издвоените пари за „Работнички“.
Мемов нагласи и дека реконструкцијата на салата на „Работничи“ е во застој и запраша дали причината е поради тоа што Герасимовски им должи на изведувачите.
„Работнички“ мора повторно да застане на здрави нозе, салата да биде завршена и претворена во модерен спортски центар, каде што младите од Центар ќе сонуваат за титули. Клубот да има стабилно финансирање и транспарентно работење со јасна стратегија и одговорно управување.
Мемов нагласи дека клубот „Работнички“ и City Park Boys се традиција со безброј освоени титули, радост, емоција, живот и светилник на Центар и Македонија кој мора да продолжи да свети во полн сјај.
-Однесувањето на градоначалникот Герасимовски е недомакинско. Никој не смее да си игра со достоинството на „Работнички“ и на Центар. Храмот на спортот ќе биде изграден со помош на општествено одговорни компании кои го сакаат „Работнички“ и спортот. Имаме визија и план во кој ќе се вклучат истакнати поранешни и сегашни спортски работници и ентузијасти, вљубеници во кошарката и ќе придонесат најтрофејниот клуб на Центар да се издигне повторно на пиедесталот, каде што му е местото, рече на денешната прес конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Никола Мемов.