За разлика од пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, која беше возвишувана од врвот на СДСМ затоа што позитивна на коронавирусот се појави со скафандер на седницата на Собранието, за напуштање на изолацијата минатиот април, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, доби пријава за прекршување на Законот за заштита на населението од заразни болести.
На кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски му беше наложено да плати казна меѓу 300 и 600 евра затоа што го напуштил домот, иако добил препорака за домашно лекување од коронавирус, соопшти тогаш директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова Бухова. Истото се однесуваше и на директорот на Регионалниот Центар за управување со кризи Горан Стојановски.
Двојниот аршин кон сопартијците на премиерот Зоран Заев и на министерот за здравство Венко Филипче го прави уште поапсурден фактот дека пратеничката има Ковид-19, а градоначалникот на двете самоиницијативно направени нови тестирања, едното во приватна клиника, а другото во Центарот за јавно здравје, беше негативен.