Најмалку 15 лица загинаа, а 22 се повредени во двојна несреќа во близина на јужниот турски град Газиантеп, соопштија локалните власти.

Тројца пожарникари, четворица работници на брзата помош и двајца новинари се меѓу 15-те загинати, соопшти гувернерот на Газиантеп, Давут Ѓул.

Спасувачките служби прво пристигнале на автопатот на местото на несреќата на минибусот, а потоа во нив удрил патнички автобус. Автобусот се превртел и се лизгал 200 метри, при што удрил во екипа на брза помош и медиумска екипа. Загинале двајца новинари на новинската агенција ИХА.

Телевизијата НТВ пренесе снимка од местото на несреќата на која се гледа како жртвите се извлекуваат од автобусот, опишувајќи ја ситуацијата како „хаотична“.

„Многу е лошо, како да сме во војна. Загубивме двајца колеги“, рече Саид Вакас, дописник на ИХА за Газиантеп, град во близина на сириската граница.