Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претставници на највисокото раководство на партијата одржаа состанок со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија. Тема на разговорот била актуелната состојба во државата и предизвиците со кои се соочува бизнисот.
На средбата е донесен заклучок дека безидејноста во енергетиката и енергетската криза се трансформираат во финансиска криза.
Мицкоски информира дека планот за справување со кризата, што го презнтирал пред Сојузот на стопански комори, предвидува да се активираат сите домашни производни кацитети кои ќе обезбедат двојно поевтина електрична енергија за бизнис-заедницата.
Со тоа воедно ќе обезбедиме ресурс со којшто корисниците на централното греење во Скопје нема да добијат покачени сметки за греење, вели Мицкоски.
Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за измена на Законот за енергетика.
Бараме сите претпријатија кои вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството но исто така и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Доколку продолжат вака да функционираат, ќе ги зголемат цените за најмалку два-три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните. Сметаме дека децата не смее да учат онлајн туку да бидат онаму каде што им е местото, во училишните клупи. И конечно третото, јавните здравствени установи кои тонат во долгови да им го олесниме начинот на функционирање. Наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите.