Ученичките стипендии, пак, кои се движеа од 2.000 до 2.900, сега се усогласени на 2.500 денари. За студентите од природните науки – хемија, физика и математика, стипендиите ќе бидат18.000 денари поради тоа што се дефицитарни, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска, која одлуката на Владата за зголемување на стипендиите денеска ја соопшти на средба со ученици и студенти. Таа информираше и дека по десет години, повторно ќе се стипендираат студенти запишани на магистерски и на докторски студии на факултетите во државава.

– Десет месеци интензивно работиме преку „Млади МОН“ да постигнеме политики кои ќе бидат во интерес на подобрување на ученичкиот и студентскиот стандард. На тој начин вложуваме во младите, а за секоја држава најисплатлива инвестиција е онаа во децата и во младите затоа што тие ја креираат понатаму нашата иднина на која сите треба да се надеваме да биде подбра, изјави Царовска.

По една деценија повторно ќе се стипендираат и студенти запишани на втор и трет циклус студии во државата. Во изминатиот период овие стипендии беа наменети за студии надвор од земјава, што, смета Царовска, постојано правеше одлив на мозоци на нашите млади. Обезбедено е факултетите да добијат 50 стипендии за магистерските студии од 9.000 денари и 15 стипендии за докторските студии во износ од 18.000 денари.

– Се соочивме со тоа дека кога факултетите распишуваа конкурс за асистенти, а МОН и Министетството за финансии дадоа согласности, немаше пријавени и луѓе кои ги исполнуваат условите затоа што стипендирањето за втор и трет циклус беше за надвор. Со стипендиите очекуваме дека добрите студенти кои сакаат да продолжат да студираат во втор и трет цклус во државата ќе може да ги искористат овие финансиски средства. На овој начин вложуваме во високото образование и во науката, додаде министерката за образование и наука.

Таа посочи дека условите за сите овие стипендии, како и оние за учениците во дуалните паралелки и за тригодишните во стручните училишта, се наведени во конкурсите, а обрасците може да се најдат на веб-страниците на МОН (mon.gov.mk) и на e-uslugi.gov.mk

Одлуката на МОН и Владата ја поздравија и студентите и учениците кои присуствуваа на средбата со Царовска.

Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, рече дека се реализираат нивните заложби за воведување нови и за дуплирање на износот на социјалните стипендии.

– Овие барања произлегуваат од декларацијата „Млади, образование и иднина“ која ја потпишавме на 12 јули 2020 година, напишана од студентските собранија и потпишана од шест политички партии. УСС УКИМ континуирано инсистираше на реализација на декларативните барања. Со поднесување до телото „Млади МОН“ за дуплирање на социјалниата стипендија,  воведување стипендии за втор и трет циклус студии и за дефицитарните области, денеска конечно можеме да кажеме дека оваа идеја е реализација, истакна Цветковска.

Агрон Демири, претседател на УСС на Универзитетот на ЈИЕ, истакна дека во изминатите месеци интензивно работеле на мерки за подобрување на стандардот на студентите и дека резултат на тоа е оваа одлука.

– Државата на овој начин го стимулира нашиот труд и постигнувањата на подобри резултати, рече Демири, заблагодарувајќи се на МОН и на останатите студентски собранија за успешната соработка.

Одлуката на МОН да ги зголеми и стипендиите за средношколците ја поздрави Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

– Оваа одлука е добра и е производ на долгомесечната соработка и консултација на МОН и Сојузот на средношколците и претставничките тела на студентите. Останува во иднина, како и досега, Сојузот будно да го следи спроведувањето и исплаќањето на стипендиите, рече Павиќевиќ.