Во состав на делегацијата се пратениците, членови на Делегацијата во ИПУ: Диме Велковски, Никола Мицевски, Ели Панова, Арбер Адеми и Скендер Реџепи.

Како што соопшти собраниската прес-служба, се очекува на 143. Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1100 претставници од над 120 земји членки на Унијата, како и повеќе од 40 претседатели на парламенти.

– Главната тема за дискусија на 143. Собрание на ИПУ е „Современите предизвици за демократијата – надминување на поделеноста и градење заедништво“. Комисиите на ИПУ ќе дискутираат за бројни прашања од нивна надлежност, меѓу кои: преиспитување и редефинирање на пристапот кон мировните процеси со цел да се промовира траен мир; искористување на информациските и комуникациските технологии како катализатор за образовниот сектор, особено во време на пандемија; законодавство ширум светот за борба против сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца преку интернет; глобалната кампања за вакцинација за ставање крај на пандемијата со Ковид-19: лекции од СЗО и СТО и слично, наведуваат од Собранието.

Во рамките на 143. Собрание на ИПУ, седници ќе одржат и „Форумот на жени парламентарки“ и „Форумот на млади парламентарци“.

Ова е прво Собрание на ИПУ од почетокот на пандемијата што се одржува со физичко присуство на учесниците, со сеопфатни здравствени мерки и протоколи.

– Интерпарламентарната унија е светска организација на парламенти, во која членуваат 179 национални парламенти и 13 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање на позитивните демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува, се вели во соопштението од собраниската прес-служба