Во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии денеска се отвори првата Енергетска жива лабораторија. Овој проект претставува значаен исчекор за поврзување на академскиот кадар, студентите и реалниот бизнис сектор во земјата.

„Вредноста на една жива лабораторија е во тоа што компаниите и истражувачите работат заедно уште од самиот почеток. Компаниите доаѓаат со конкретни потреби и податоци од своето работење. Потоа тимот на ФЕИТ, преку ИНОФЕИТ, ги развива и ги проверува можните решенија со мерења, симулации и тестирања во услови блиски до реалните услови во нивните погони“, рече Ташковски.

Тој објасни дека лабораторијата веќе е оперативна за стопанството и се користи и за истражувачка работа на студентите на ФЕИТ. Во рамки на пилот проект на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во европскиот проект INITIATE, е формирана истражувачката група за паметни енергетски системи.

„Отворањето на лабораторијата е уште еден важен чекор во зајакнување на врската меѓу науката, образованието и стопанството. Нејзината посебна вредност е во тоа што е замислена како отворена платформа во кој се среќаваат истражувачите, инженерите и компаниите, се тестираат нови решенија во реални услови и се развиваат иновации со директна примена во индустријата“, рече Атанасовски.

Концептот на жива лабораторија подразбира отворен иновациски еко-систем во реално опкружување, пристапен на академската заедница, индустријата, јавниот сектор и граѓаните. Сите тие треба активно да ја користат енергетската жива лабораторија за создавање практични решенија.

Разликата меѓу живата и традиционалната лабораторија е во тоа што во живата лабораторија средината е динамична, се менуваат условите за работа и средината не е контролирана. Оваа енергетска лабораторија учи со секој нов проект, па затоа подразбира ко-креирање иновации од страна на корисниците, како и континуирано тестирање, евалуација и носење заклучоци во текот на имплементацијата.

„Но, она што ја прави оваа лабораторија навистина жива не е само опремата и технологијата, тоа се луѓето, идеите, соработката и можност да се испроба технологијата, да се подобри и да се потврди во реални услови. Оваа лабораторија треба да биде место каде компаниите може да ги тестираат своите решенија, истражувачите да ги развиваат и валидираат новите технологии, студентите да стекнуваат практични знаења и искуства“, рече Атанасовски.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оцени дека со поддршка на овој проект владата уште еднаш ја покажала поддршката за домашните компании на пазарот.

„Еден од клучните фактори во овие процеси е воспоставување соработка и партнерство со науката, каде што се овозможува трансфер на знаење, технологии, заедничко истражување и заеднички иновации. Со носење на Стратегијата за паметна специјализација, во фокус е ставен развојот на приватниот сектор преку зголемена соработка со академијата во насока на пренос на знаење, заеднички проекти за истражување, развој и иновации“, порача Ристески.

Министерството за економија и труд финансиски го поддржа проектот „Воспоставување на Енергетска жива лабораторија во ИНОФЕИТ“ со 50 проценти од средствата или околу 50.000 евра преку јавниот повик од 2024 година, поточно преку мерката за поттикнување иновативни колаборативни проекти поврзани со паметна специјализација, зелена и дигитална трансформација во четворен хеликс.

„Оваа лабораторија од денес е на располагање на бизнис-заедницата, каде што ќе можат да ги користат капацитетите на лабораторијата и Факултетот за зголемување на нивната конкурентност, преку користење на современи дигитални алатки да обезбедат енергетска и зелена транзиција, како и подобрени капацитети за настап на европските и светските пазари“, истакна Ристески.

Лабораторијата, развиена од ФЕИТ и ИНОФЕИТ во соработка со домашните компании Интебако, Хас Инженериг и Серафимовски Тек, овозможува развој и тестирање на решенија за паметно управување со енергија, користење обновливи извори, складирање енергија и енергетска ефикасност.