Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија финансираат нов дел од автопатот од Скопје до надвозникот кај Блаце, во близина на границата со Косово. Новиот пат ќе обезбеди побрза и полесна конекција за трговијата и граѓаните, соопштија од канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Кредитот во износ од 167,6 милиони евра од ЕБОР e наменет за изградба на автопат, а на оваа сума ќе биде додадени 20,8 милиони евра грант од ЕУ, како и 8,8 милиони евра за финансирање на техничката соработка за подготовка, имплементација и супервизија на работите на изградба на автопатот. Последниот дел е финансиран преку инвестициска програма за Западен Балкан.
Стратешкиот патен сегмент ќе ги подобри конекциите во регионот кон Европска Унија. Тој е дел од транспортната артерија од Скопје до главниот град на Косово, Приштина, каде во изминативе неколку години се бележи зголемен сообраќај, и кој е дел од поголемата Европска патна мрежа која ја поврзува Шведска со Грција преку Западен Балкан.
Новиот автопат ќе има по две ленти и ќе биде изграден паралелно со постоечкиот А4 национален пат, кој има по една лента, и е изграден пред повеќе од 50 години. Ова ќе доведе до значајни подобрувања на сообраќајот и безбедноста на патот. Се очекува да има позитивно влијание на вработувањето преку зајакнување на поврзаноста и економската интеграција во самиот регион.
Банката ќе мобилизира фондови од техничката соработка за поддршка на Министерството за транспорт и врски, во однос на развивање на национална стратегија на е-мобилност и акционен план кој е целосно посветен на промовирање на употребата на електричните возила и ваквата инфраструктура во земјата. Проектот ќе покаже иновативна договорна структура на изградба, која ќе ги инкорпорира мерките на климатска отпорност.
– Овој проект е пример како работата на Банката ја подобрува и транспортната и општинската инфраструктура на Северна Македонија. Ќе има повеќекратно влијание врз секојдневниот живот на луѓето, како и врз трговските активности во регионот и во ЕУ. Среќни сме што ги превземаме следните чекори со Јавното претпријатие за државни патишта преку финансирање на овој витален патен сегмент, заедно со нашиот клучен партнер, Европската Унија, изјави директорката за Инфраструктура Европа, ЕБОР, Сузан Горансон.
Амбасадорот Дејвид Гир, претставник на ЕУ Делегацијата во Северна Македонија изјави дека преку инвестициската програма за Западен Балкан и со поддршка на ЕБОР, ја имплементираат агендата на поврзаност.
– Глобално поврзана Европа е добра за економијата, но и за самите земјите, како и растот на земјите кандидати. Поддржувајќи ја транспортната конективност во регионот, е најважната можност за натамошен напредок на трговските врски и посилен регионален економски развој, рече Гир.
ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес има инвестирано над 2,3 милијарди евра во 161 проект во различни сектори во економијата. Поддршката на развојот на транспортниот инфраструктурен сектор претставува приоритет за Банката, бидејќи го поддржува секторот кој се соочува со најмногу предизвици, информираат од канцеларијата на ЕБОР во Скопје.