Македонски средношколци – информатичари на 29. Балканска олимпијада по информатика БОИ 2022 што се одржува од 3-ти до 8 октомври во Букурешт, Романија, освоија сребрен и еден бронзен медал во програмирање.
Учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, беа предводени од лидерите Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
По една година пауза и една година онлајн натпреварување, годинава БОИ се одржува регуларно, а главен организатор е Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics), заедно со Министерството за образование на Република Романија.
На натпреварот официјално учествуваа вкупно 42 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, избрани преку годишните национални натпревари во програмирање на следните балкански земји: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција. Како претставници на земји-гости на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија.
Сребрениот медал за Северна Македонија го освои Благојче Павлески од Прилеп, додека бронзениот медал го освои Тео Китановски од Скопје. Дополнително, на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен.
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), Миле Јованов изјави дека успесите не доаѓаат сами од себе.
-Ова што го постигнуваме е благодарение на личното залагање и труд на секој од нашите учесници,
како и на неколкуте професори од ЗИМ со кои го вложуваме нашето слободно време и знаење за да може да ги насочиме нашите ученици. Среќен сум што со повеќегодишна упорна работа успеавме да го издигнеме квалитетот на македонските претставници на престижните интернационални натпреварувања на ниво да се рамо до рамо со најдобрите репрезентации, особено земајќи ја предвид големината на нашата земја. Препознавањето на успехот и на личниот ангажман изгледа е полесно во странство, па веројатно затоа, по два мандата, повторно бев избран за претседател на Балканската олимпијада по информатика за нов тригодишен мандат рече, Јованов.
Оваа година прв пат патувањето на македонските ученици до Романија беше под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски кој исто така преку последните заеднички активности го поддржа и промовираше успехот на информатичарите и ЗИМ