Едно лице загина, а пет се повредени кога хеликоптер се урна во океанот во близина на западна Норвешка, соопшти денеска полицијата.
Хеликоптерот Сикорски С-92 управуван од Бристу Норвешка бил во мисија за обука и спасување вчера кога се случила несреќата, соопштија официјални лица.
Спасувачите извлекоа шест лица од морето, но едно лице подоцна беше прогласено за мртво во болница, се вели во соопштението на полицијата.
Еден од петте преживеани имал само полесни повреди, додека останатите четворица се здобиле со различен степен на повреди, додава полицијата.
Причината за несреќата се уште не е позната. Локхид Мартин Сикорски, која го произведе хеликоптерот, вчера рече дека безбедноста е нејзин главен приоритет и дека е подготвена да ја поддржи истрагата.
Енергетската групација Еквинор соопшти дека хеликоптерот, кој бил во мисија за пребарување и спасување, вообичаено ги опслужувал платформите на полето за нафта и гас Осеберг во Северното Море.