Албанскиот премиер Еди Рама смета дека внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија е неопходност што произлегува од договорот постигнат меѓу Скопје и Софија со француско посредување. Ова го изјави во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), во кое зборуваше за односите во регионот, европската интеграција и за политичката состојба во Албанија.
На прашањето дали и понатаму има причини за несогласувања со бугарското раководство, со оглед на тоа што пред 3 години изјави дека не се согласува целосно со Софија, Рама одговори негативно.
Тој рече дека тогаш околностите биле поинакви и дека сега нема причина за спор.
– Не. Не, бидејќи тогаш, како што се сеќавате, стануваше збор за ситуацијата пред таканаречениот договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, постигнат со француско посредништво. Сметам дека сега нема причина за несогласување, бидејќи потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на Северна Македонија е сосема јасна. Тоа произлезе од договорот меѓу двете земји – рече Рама.
Албанскиот премиер во интервјуто порача и дека Албанија нема проблеми со Бугарија, нагласувајќи дека прашањето за уставните измени во Македонија за него е веќе дефинирано со постигнатиот договор.
