Најдобриот стрелец и капитен на Босна и Херцеговина, Един Џеко, потврди дека се повлекува од националниот тим. Четириесетгодишниот напаѓач последен пат ќе го облече репрезентативниот дрес на натпреварот против Шведска.
Со овој настап Џеко ќе стави крај на 20-годишната репрезентативна кариера, во која одигра 151 натпревар и постигна 73 гола.
„За мене лично е тежок натпревар, но на крајот сè е за репрезентацијата“, рече Џеко на прес-конференцијата пред натпреварот.
Тој го истакна неодамнешниот напредок на Шведска под водство на новиот селектор, но порача дека Босна и Херцеговина ќе даде максимум и покрај емотивната тежина на моментот.
Џеко призна дека чувствува мешавина од емоции додека се приближува неговиот последен настап за националниот тим.
„Малку сум збунет што чувствувам. Дефинитивно сакам да уживам и да се обидам да остварам добар резултат – тоа е најважното за мене“, рече Џеко.
Тој нагласи дека емоциите тешко ќе може да ги сокрие пред почетокот и по завршувањето на натпреварот. Сепак, како што посочи, штом судијата означи почеток на дуелот, неговото внимание целосно ќе биде насочено кон играта.
Иако помладите соиграчи се обидувале да го убедат да ја промени одлуката, Џеко останал цврст во намерата да ја заврши репрезентативната кариера.
„Се обидуваа да ме убедат да останам, но ова е вистинското време. Донесов цврста одлука“, изјави тој.
Џеко ја спореди својата ситуација со онаа на Душан Тадиќ, кој се врати во репрезентацијата откако првично се повлече.
„Малку сум постар, па нема простор или време за нешто друго. Знам колку дадов и ја оставам екипата во добра состојба со добри момци“, порача Џеко.
