Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, се обрати пред граѓаните на завршниот митинг. Настанот се одржа во пресрет на вториот круг од локалните избори закажани за недела.

„Овој поглед ме прави горд и ми дава дополнителна сила да продолжиме да ја негуваме и да ја сочуваме силата на единството. Кога ве гледам пред мене сите сплотени и обединети е порака дека Брвеница сака развој, напредок и подобри услови за живот. Таа е и обврска резултатите да продолжат, а и доверба што треба да ја оправдаме со конкретни дела“, рече Радичевски.

Во своето обраќање тој нагласи дека во изминатиот период остварил бројни средби со локалното население, разговарајќи за клучните потреби на секојдневниот живот и плановите за развој.

„Вечерва ви се обраќам како ваш пријател, познаник и сосед, како човек кој ја сака Брвеница и сака нашата општина да биде успешна. Во изминатиот период со многумина од вас ја споделив својата визија за иднината на општината, секој разговор, секоја средба, секоја искажана потреба се одговорност, а таа одговорност бара посветеност, присуства на терен и конкретна работа. Во наредните години, пред нас се важни предизвици, тоа се проблеми со водоснабдувањето, локални патишта, зимско одржување, условите во училиштата и можностите за младите. Сите овие прашања бараат сериозен пристап, планирање и решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните“, истакна Радичевски.

Тој испрати порака дека општината не треба да познава никакви поделби и дека локалната власт мора да биде отворена и достапна за секој жител во сите населени места.

„Сакам да бидам јасен, оваа општина не припаѓа на една партија, ниту на една етничка заедница. Брвеница е на сите што живеат овде во Брвеница, Седларце, Стенче, Волковија, Блаце, Милетино, Радиовце, Челопек и Гургурница, на сите без исклучок. Никој не треба да биде исклучен, потценет или заборавен, ќе продолжиме да живееме едни покрај други, да ги споделуваме истите предизвици и да работиме за подобра иднина. Нашето заедништво е вредност што треба да го чуваме. Брвеница има потреба од дијалог, меѓусебна почит и заедничка одговорност. Македонци, Албанци, Турци и припадници на сите други заедници треба да имаат еднакви можности, достоинствени услови за живот и перспектива на своите семејства. Нашата визија треба да биде насочена кон иднината, кон развојот, кон конкретни резултати. Развојот на општината не смее да познава поделби. Секое населено место заслужува внимание, секој граѓанин заслужува почит, а секоја добра идеја заслужува поддршка“, потенцираше Радичевски.

Како клучни столбови на својата програма, кандидатот ги издвои задржувањето на младите генерации во родниот крај, подобрувањето на образовната и комуналната инфраструктура и отворањето услови за нови економски перспективи во општината.

Радичевски подвлече дека проектот „Една Брвеница за сите“ претставува јасна стратегија за рамномерен локален напредок кој ќе ги опфати сите населби без фаворизирање.

„За нашата општина, за нашите деца и за нашите идни генерации, во недела ве повикувам да ја продолжиме идејата за една Брвеница за сите, да гласаме за бројот 1, да ја заокружиме заедничката победа, да ја сочуваме силата на единството. Една Брвеница за сите“, повика на крај Радичевски.