Новиот европски систем за влез и излез, ЕЕС, предизвика сериозни застои на повеќе аеродроми низ Европа, каде патниците се соочуваат со значително подолги редици при влез и излез од Шенген-зоната. На аеродромот „Фјумичино“ во Рим, времето потребно за пасошка контрола на британските патници се зголемило од околу седум на 20 минути, додека дел од патниците пријавиле дека чекале и до два часа.
Директорот за авио-сообраќај на римскиот аеродром, Иван Басато, изјавил дека новиот систем речиси тројно го зголемил времето потребно за гранична проверка на британските државјани. Иако биле направени подобрувања со поврзувањето на ЕЕС со електронските пасошки капии, процесот, според него, сè уште не е вратен на нивото што го имал пред воведувањето на системот.
„Сè уште не го достигнавме истиот квалитет на процесот што го имавме пред воведувањето на системот“, изјави Басато, додавајќи дека е неприфатливо патниците да чекаат еден или два часа по слетувањето.
Неколку туристи за Би-би-си раскажале дека биле принудени долго да чекаат на пасошка контрола. Патник од Велика Британија изјавил дека со своето семејство поминал околу два часа од излегувањето од авионот до завршувањето на граничната проверка. Друг патник од САД навел дека чекал приближно еден час, поради што го пропуштил однапред резервираниот превоз.
Проблеми биле пријавени и на други европски аеродроми, меѓу кои во Барселона и Фаро. На дел од локациите автоматизираните уреди не функционирале правилно, што дополнително го забавило процесот на контрола.
ЕЕС е нова дигитална гранична процедура на Европската Унија наменета за државјани на земји надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген-зоната. Наместо само проверка на патната исправа, патниците треба да остават отпечатоци од прсти, фотографија и податоци за времето на влез и излез.
Регистрацијата најчесто се врши преку специјални автоматизирани уреди, односно „киосци“, а во одредени случаи постапката се спроведува со помош на гранични службеници.
Авиокомпанијата „Рајанер“ веќе ги предупреди патниците дека примената на ЕЕС предизвикува дополнителни доцнења. Од компанијата им препорачаа на патниците да пристигнуваат порано на аеродромите и да планираат повеќе време за патување, особено во периоди кога има голем број летови.
Европската комисија соопшти дека проблемите на повеќето аеродроми се ограничени и дека ќе продолжи да им помага на земјите членки во спроведувањето на системот. Сепак, аеродромите и авиокомпаниите бараат поголема флексибилност, вклучително и можност привремено да се запре примената на ЕЕС во периоди со исклучително голем број патници.
Досега само Шведска и Португалија ја користат апликацијата на Европската Унија за претходна регистрација на патниците, за која се очекува да го забрза процесот на гранична контрола.
Португалските власти предупредија дека дел од застојот е последица и на технички проблеми. На аеродромот во Фаро, редицата што претходно траела околу десет минути, сега во одредени случаи трае повеќе од 30 минути.
Како причина се посочуваат проблеми со серверите на Европската Унија, бидејќи националните системи се меѓусебно поврзани. Иако ваквите дефекти се поретки отколку во почетната фаза од воведувањето на ЕЕС, европските аеродроми предупредуваат дека без дополнителни технички и организациски подобрувања, летната сезона може да донесе нови долги редици и дополнително незадоволство кај патниците.
