Европската комисија побара од двете страни во српско-косовскиот спор да се воздржат од провокации, откако Приштина најави дека ќе аплицира за членство во Советот на Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.
Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека Србија ќе одговори на оваа најава за аплицирање во Советот на Европа и рече дека тоа претставува прекршување на постоечките договори, од Брисел и Вашингтон, помеѓу Белград и Приштина.
Европската Унија преку Високиот претставник, Жозеп Борел, има улога на посредник помеѓу Србија и Косово во рамките на дијалогот за нормализација на односите, чија цел е да се постигне правно обврзувачки договор помеѓу двете страни, без притоа да се прејудицира исходот на овие преговори.
Запрашани на денешниот редовен брифинг за новинари за коментар за последните тензии помеѓу Србија и Косово, портпаролот Петер Стано повика на воздржаност од двете страни.
-Слушнавме најава дека Косово има намера да аплицира за членство во Советот на Европа, не коментираме потенцијални апликации во други институции, но можеме да повториме дека ги повикуваме двете страни да се воздржат од дела и реторика кои се унилатерални и можат да придонесат кон зголемување на тензиите и да ја загадат атмосферата, изјави попладнево Стано.
Тој потврди дека за ова прашање станало збор и синоќа за време на неформалната вечера на лидерите од Западен Балкан со шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел во Брисел.
За Европската Комисија е важно Белград и Приштина да продолжат со дијалогот под медијаторство на ЕУ и да се однесуваат конструктивно.