Извештајот на ЕК ги потврдува направените реформи во правосудството и укажува дека останува да се осигура нивното соодветно спроведување, со акцент на потребата од доекипирање на институциите со високо обучен кадар и соодветна опрема.

Во делот за квалитет на судството во Извештајот на ЕК се нагласува дека Буџетот на судскиот систем (буџет за судови, јавни обвинителства и правна помош) е намален за 8,3 отсто во однос на 2019 година и за 2020 година, кога изнесувал 40 милиони евра или 19,5 евра по глава на жител, што е под просекот за регионот на Западен Балкан од 37,8 евра по глава на жител.

Најавената дигитализација пак, се оценува како преголем залак, со оглед на тоа дека досега во најголем дел зависи од странски донации, како и неатрактивните плати за ангажирање на соодветни ИТ експерти.

Извештајот оценува, дека продолжува имплементацијата на судската стратегија, вклучително Законот за јавно обвинителство, со што се обезбедува одговорност за криминалите што произлегуваат и се поврзани со незаконските прислушувања, како и дека Државната комисија за спречување на корупција, користејќи ги своите засилени овластувања продолжува да дава резултати, вклучително и за случаи на високо ниво.

Корупцијата, се вели во Извештајот, е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.